Пред мечот од Лигата на Шампионите, против тимот на ПИК Сегед в четврток на домашен терен од 20:45, тимот на Вардар се соочува со голем проблем. Има доста повредени играчи кои нема да бидат во можност да настапат или пак ќе бидат под голем знак прашалник.
Ова во официјална изјава предмалку на јавноста и го соопшти тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ кој истакна дека здравствениот билтен во моментов е катастрофален.
„Во моментов ситуацијата ни е катастрофална. Дибиров има вирус, прима инфузии, и не знаеме дали ќе се опорави. Мишевски и Куни имаа еден дуел и обајцата се во „аут“. Кудуз и Стоилов се под знак прашалник, а Тото е повреден и нема да може да се смета на него“ – изјави Вујовиќ па се надоврза.
„Ова е натпревар кој мора да го добиеме. За моите критериуми, за критериумите на јавноста , недозволиво е да имаме пет порази по ред. Ќе мора да одиграме цврсто, натпревар со малку голови повеќе ни одговара. Се надевам дека ние од поразот ќе научиме повеќе отколку тие од победата“, истакна Вујовиќ.