Анкета-2: Ја посакуваме Русија за ривал во полуфиналето од баражот!

829

Во петок ќе се одржи ждрепката за баражот за пласман на СП во Катар 2022 година. Во неа ќе биде и нашата најдобра фудбалска репрезентација. Македонија со пласманот во баражот оствари историски пласман, сега остануваат уште два чекори до фантастичен успех, а тоа е учество на Мундијалот.

По тој повод “Спортмедиа“ до петок во три дена, ќе ги прашува нашите познати фудбалски фаци, некогашни селектори, екс репрезентативци, лица од стручниот штаб, актуелни репрезентативци…кои селекции за нас се (не)посакувани ривали за полуфиналниот бараж. А тие ќе ги искажат своите желби, кои вие драги читатели преку “Спортмедиа“ ќе можете да ги видите.

Да се потсетиме дека за полуфиналето во баражот можни ривали се…Италија, Португалија, Шведска, Русија, Шкотска и Велс.

Прашањето е кои три селекции се нај(не)посакувани ривали во баражот?

-СТОЛЕ ДИМИТРИЕВСКИ (репрезентативец)

Пред се ова е голем успех на нашата репрезентација. Ние сме горди на се она што досега го постигнавме, но сепак немаме намера тука да застанеме. Сакаме пласман на Мундијалот, а за тоа ќе треба и малку среќа во ждрепката за баражот. Искрено Португалија, Италија и Шведска би ги сакал за ривали, но во финалето и тоа на домашен терен. Италија е европски првак, Португалија беше претходно, а Шведска е екстра силна селекција. Па затоа во полуфиналето ги посакувам Шкотска, Велс или Русија“.

-МИЛАН РИСТОВСКИ (репрезентативец):

Едвај чекам да дојде петок и да видиме со кого ќе играме во баражот за пласман на Мундијалот. Сите ние знаеме зошто играме, што носи за нас, за цела Македонија овој бараж. Јасно е дека нема лесни ривали, нас не чекаат две финалиња, сепак јас сум оптимист и сметам дека оваа генерација може уште еднаш да ја израдува Македонија. Не би сакал да ни се паднат во полуфиналето Португалија, Италија и Шведска“.

-ИВАН ТРИЧКОВСКИ (поранешен репрезентативец):

Јас најдобро знам што можат моите соиграчи од репрезентацијата со кои бев до пред некој месец. Пред се тука мислам на помладите кои донесоа победнички менталитет во репрезентацијата и од меч во меч напредуваат. Јас верувам во нив, верувам дека ќе го остварат сонот и дека ќе ја однесат Македонија во Катар. Им посакувам многу, многу среќа. За ривали во полуфиналето ги посакувам Шкотска, Велс или Русија. Реално Португалија, Италија и Шведска се екстра силни селекции, но не и непобедливи“.

-ВИСАР МУСЛИУ (репрезентативец):

Веруваме во себе, имаме добра генерација, играме добро и нема причина да не бидеме оптимисти. И пласманот во баражот е голем успех, но сакаме да одиме понатаму, се до Катар. Знаеме дека не сме фаворити, но тоа не не прави без шанси. Било кој да се падне наше е да играме, ако веќе морам да бирам , тогаш не ги сакам за ривали Италија, Португалија, Шведска“.

ДЕНИ МАСЕВ (директор на репрезентацијата):

Детални анализи можеме да правиме после ждрепката. Сепак ако веќе ме прашувате, моја желба е да се падне Русија. Тоа се мои лични размислувања. Не дека таа селекција е најслаба од сите останати, туку сметам дека најмногу би ни одговарала нам како ривал. Се разбира дека не треба да се трошат зборови за Италија, Португалија и Шведска. Добро ќе биде да ги избегнеме нив, но и ако се паднат, јас верувам во овие момци, верувам дека можат уште еднаш да испишат историја. Уф, прекрасно ќе биде да се пласираме на Мундијалот во Катар“.

ПретходноДИЈАМАНТОТ ВО ЕЛЕМЕНТ: Елмас стрела во Москва, го живна Наполи (ВИДЕО)
СледноЛЕ: Елмас погоди, но Наполи остана со празни раце во студената Москва (ВИДЕО)