Во супер-дербито на 5. коло во Лигата на шампионите, англискиот првак Манчестер Сити со пресврт славеше со 2:1 над екипата на ПСЖ и го потврди првото место во групата „А“. Французите први успеаја да погодат преку Мбапе во 50. минута за водство од 1:0, но потоа следуваше пресврт режиран од Стерлинг и Габриел Жезус кои до 76. минута веќе им донесоа предност на домашните.
Лајпциг со убедливата победа од 5:0 кај Бриж само им направи услуга на Сити и ПСЖ и по ова коло и двата тима се веќе во осминафиналето.
Неверојатно возбудливо беше во Мадрид. Таму Милан успеа да извојува победа над домаќините со 1:0 и со тоа од отпишан тим, да се најде во ситуација во последното коло да се бори дури и за пласман во осминафиналето. Месиас со голот во 87. минута им донесе победа на „росонерите“, го искористија поразот на Порто и во последното коло со Ливерпул на домашен терен ќе брка победа за евентуален пласман во нокаут-фазата.
Ливерпул и со втор состав го победи Порто во меч кој беше исклучително значаен за гостите. Алкантара и Салах беа стрелци за „црвените“ во триумфот од 2:0.
Боби Николов и неговиот Шериф Тираспол немаа сили за изненадување против Реал (М). „Кралевите“ славеа со 3:0 во Молдавија, а нашиот репрезентативец почна од клупата, па доби шанса во последните 30-тина минути на мечот кога Реал веќе ја имаше убедливата предност од 3:0.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ – 5.КОЛО
ГРУПА „А“
Бриж – Лајпциг 0:5
Манчестер С. – ПСЖ 2:1
ГРУПА „Б“
Атлетико (М) – Милан 0:1
Ливерпул – Порто 2:0
ГРУПА „Ц“
Бешикташ – Ајакс 1:2
Спортинг (Л) – Борусија (Д) 3:1
ГРУПА „Д“
Интер – Шахтјор 2:0
Шериф Т. – Реал (М) 0:3