Менаџерот на Лестер Сити, Брендан Роџерс категорично ги демантираше гласините дека ќе ги напушти „лисиците“ за да се пресели на клупата на Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ привремено го назначија помошникот на Солскјер, Мајкл Керик за в.д. тренер, но медиумите го поврзуваат Роџерс како главна опција за постојан тренер на тимот од „Олд Трафорд“.
„Прво, непочитување е да ме прашате за тоа, затоа што во моментов Манчестер Ј. има менаџер, добар тренер и добра личност која работи во клубот. Второ, не можам да ги коментирам тие гласини бидејќи тоа е нешто што не е реално“, изјавил Роџерс на денешната прес-конференција.
„Јас сум менаџер на Лестер Сити. Горд сум што сум тука, тоа е привилегија за мене и целосно сум посветен. Нема ништо повеќе. Нема начин да се контролираат гласините, но не ми пречат. Секогаш сум фокусиран на следниот натпревар, па сега мислам само на Челзи и нашата подготовка“, додаде тренерот на Лестер.