Во петок ќе се одржи ждрепката за
баражот за пласман на СП во Катар 2022 година. Во неа ќе биде и нашата најдобра фудбалска репрезентација. Македонија со пласманот во баражот оствари историски пласман, сега остануваат уште два чекори до фантастичен успех, а тоа е учество на Мундијалот.
По тој повод “Спортмедиа“ до петок во три дена, ќе ги прашува нашите познати фудбалски фаци, некогашни селектори, екс репрезентативци, лица од стручниот штаб, актуелни репрезентативци…кои селекции за нас се (не)посакувани ривали за полуфиналниот бараж. А тие ќе ги искажат своите желби, кои вие драги читатели преку “Спортмедиа“ ќе можете да ги видите.
Да се потсетиме дека за полуфиналето во баражот можни ривали се…Италија, Португалија, Шведска, Русија, Шкотска и Велс.
Прашањето е кои три селекции се нај(не)посакувани ривали во баражот?
-БОБАН НИКОЛОВ (репрезентативец):
„Не треба да се трошат зборови и да се каже дека ова е голем успех за нашата репрезентација, за сите што сме во неа. Игравме добро, имавме добри резултати во квалификациите и затоа сме тука каде што сме, во баражот за пласман на СП во Катар. Е, сега, кога сме кај можните ривали, моја желба е да се падне Русија во полуфиналето. Да ги избегнеме Португалија и Италија, тоа се светска класа селекции, а и Шведска не би ја сакал за ривал. Реков ја сакам Русија за ривал, а потоа ќе видиме“.
-СТЕФАН АШКОВСКИ (репрезентативец):
„Која селекција и да се падне во баражот, прво мислам на полуфиналето, ние како репрезентација на Македонија ќе дадеме се од себе, и повеќе од максимумот, да ја израдуваме фудбалска Македонија, цела наша јавност. Сите можни ривали се екстра квалитетни селекции, но и ние поседуваме квалитет, и ние имаме квалитет за респект. Затоа сме во баражот. Инаку кога веќе мора да кажам тогаш убаво ќе биде да ги одбегнеме Португалија и Италија,можеби Шведска, сите останати нека се паднат“.
-АЛЕКСАНДАР ТРАЈКОВСКИ (репрезентативец):
“Видете, ова е бараж за пласман на СП. Нема тука лесни и тешки ривали. Секоја репрезентација е силна на свој начин, штом успеала да дојде до тука значи треба максимално да се почитува, ова го мислам и за Македонија. Кога би можел да бирам тогаш јасно е дека убаво ќе биде да ги одбегнеме Португалија и Италија, тука е и Шведска. Сепак мислам кој и да ни се падне во ждрепката ние треба да мислиме за нас а не на противникот. Знам дека на на ниедна репрезентација нема да и биде лесно против Македонија“.
ТИХО КОСТАДИНОВ (репрезентативец):
„Имаме квалитет за големи нешта. Во последно време тоа сме го докажале во повеќе наврати и уште ќе го докажуваме. Со оглед на тоа дека ме прашувате кого не сакам во баражот, еве да ви одговорам. Италија, Португалија, веројатно и Шведска. Сите останати би можеле да се паднат за ривал во полуфиналето. Сепак, и ако се паднат овие горе споменати селекции секако дека ние нема да се предадеме предвреме. Знаеме што можеме, знаеме што носи овој бараж и ќе дадеме се од себе да се избориме за учество на Мундијалот“.
БОЈАН МИОВСКИ (репрезентативец):
„Зарем има некој што ги посакува Италија и Португалија? Тука не би ја сакал ни Шведска за полуфиналето. Сепак која селекција да ја добиеме во ждрепката ние сме со позитивни мисли. Во повеќе наврати сме покажале дека можеме да се надигруваме против било која селекција. Со кого и да се паднеме нема да биде лесно, но ќе дадеме се од себе да го израдуваме Македонскиот народ. Можам само да замислам каква еуфорија и радост ќе биде ако оваа генерација ја однесе Македонија на СП во Катар 2022“.