Македонската кошаркарска репрезентација вечерва со почеток од 19:30 часот во салата Јане Сандански го игра квалификацискиот дуел против Шпанија, главниот фаворит во нашата група.
Еден од нашите најискуни кошаркари, Дамјан Стојановски вели дека на овој меч мора да сме најдобри, затоа што играме против најдобриот состав во моментов во нашата група.
„Мислам дека секој натпревар мора да е посебна приказна за себе. Почнуваме со актуелниот светски првак, самото по себе, тоа говори за каква квалитетна репрезентација станува збор. Мора да бидеме најдобри доколку сакаме позитивен резултат на тој натпревар. Шпанија си е Шпанија, со кој состав и да дојде има квалитетни играчи“ – истакна Стојановски па додаде.
„Како што напоменав, мора да сме максимално спремни и фокусирани во текот на целите 40 минути од натпреварот. Во спортот никогаш не се знае што ќе биде и што тој ќе ти донесе, така што ние ќе се бориме максимално и ако ни се даде можност и шанса да бидеме победници на овој натпревар“ – вели Стојановски пред големиот натпревар вечерва.