Денеска во 17 часот во Цирих ќе се одржи ждрепката за баражот или плеј –офот за пласман на СП во Катар 2022 година. Познато е дека и Македонија се најде меѓу 12 репрезентации кои ќе играат за пласман на Мундијалот.
Што треба нашите читатели да знаат за тоа што денеска ќе го очекуваме од Цирих?
Имено во баражот се пласира секоја второпласирана селекција во квалификациските групи. Тоа се 10 селекци и плус Чешка и Австрија како победници во своите групи во Лигата на Нации.
Според резултатите во групите, репрезентациите на Италија, Португалија, Русија, Шкотска, Шведска и Велс ќе се најдат во првиот барабан или ПОТ-1, како носители. Додека Австрија, Чешка, Македонија, Полска, Турција и Украина ќе бидат во другиот барабан или ПОТ-2, како неносители.
Прво ќе се влечат селекциите од ПОТ-1, за нив има шест места, или шест позиции. Првата извлечена селекција од носителите ќе го добие местото -1, втората местото-2, и така се до крај.
Со тоа што местата 1 и 2 ќе бидат означени како ПАТ-А, местата 3 и 4 како ПАТ-Б, и местата 5-6 како ПАТ-Ц. Тоа значи дека веднаш и ќе се направат тие три групи од кои победниците ќе изборат виза за Мундијалот.
Пред да се влечат селекциите од неносителите, ќе се смести Украина на една од ПАТ-А, ПАТ-Б и ПАТ-Ц позициите каде што не е Русија. Имено од политички причини нема да се дозволи овие две селекции да играат во полуфиналето или финалето.
Потоа ќе почне да се влечат селекциите од неносителите, каде што ќе биде Македонија. Првата извлечена селекција оди во местото -1, втората во местото-2 и така се до крај, во зависност од тоа каде е Украина.
На пример ако на местата -1 и -2 се Русија и Шкотска како носители, тие и го сочинуваат ПАТ-А, значи едната група. Потоа Македонија ако е извлечена како прва оди на Русија на гости, а пример Турција како втора влечена оди на гости на Шкотска. Ова ќе биде ПАТ-А, и победниците на овие два меча играат финале, а домаќинот ќе биде одреден со ждрепка. Значи во првата група или ПАТ-А би се играле мечевите Русија – Македонија и Шкотска –Турција. Победниците играат во финале. На пример Македонија – Шкотска или Шкотска –Македонија, и кој ќе биде победник во тоа финале ќе се најде на Мундијалот во Катар 2022.
Ние нема да имаме ништо против ако вака ни се погоди ждрепката како што го наведовме примерот.
Сепак, да сочекаме до нешто после 17 часот кога ќе знаеме со кого ќе играме во полуфиналето од плеј – офот (24 март) и евентуалното финале (29 март).
Со среќа Македонијо во ждрепката денеска во Цирих….