Тројниот јужноамерикански шампион Гремио ја губи битката за опстанок, а сериозен удар доби од Баија, директниот ривал за бегство од дното, од кого изгуби со 3:1. Па така на три кола пред крајот Гремио има четири бода помалку од Баија која е веднаш над сигурната зона.
По новиот пораз навивачите веќе кренаа раце и се повеќе прифаќаат дека нивниот омилен клуб идната сезона ќе игра во бразилската Серија Б.
Гремио сезонава претрпе 19 порази, само последниот Шапекоенсе има повеќе од нив (21). Така популарните „триколори“ се најдоа во ситуација да се борат за „живот“ во елитата. Во последните три кола екипата го очекува дуел со незгодни ривали, прво со Сао Пауло кој брка пласман во Копа Судамерикана, потоа му гостува на Коринтијанс кој се бори за Копа Либертадорес и потоа го пречекуваат идниот шампион Атлетико Минеиро.
Гремио го има освоено и Интернационалниот куп во 1983 година, играше и едно финале во истиот куп, а во 2017 финале и на Светското клупско првенство. Два пати бил шампион на Бразил (1981 и 1996), а пет пати го освојувал Купот (последен пат во 2016, а минатата година играше финале).
На почетокот на годината со Гремио работеше некогашниот бразилски селектор Луис Фелипе Сколари, но по неговото заминување дојде Вагнер Мансини кој не успеа да ги поправи работите.
Ова не е првпат во Бразил некогашни шампиони или јужноамерикански прваци да паѓаат во понизок ранг. Таму веќе играат Васко да Гама и Крузеиро.