По поразот од актуелниот светски првак, Шпанија на домашен терен, на стартот на квалификациите за СП 2023 година, Македонија вечерва (18 часот) во Киев ќе ја бара првата победа.
Во „Палатата на спортовите“, нашиот најдобар национален тим ќе ги одмери силите со Украина, селекција која исто како „црвено-жолтите“ стартуваше со пораз, но во Тбилиси, каде Грузија беше подобра (88:83).
Селекторот на нашиот национален тим, Драган Бајиќ е приморан во Киев да ги изведе оние 12. кошаркари на кои сметаше и за средбата во петок навечер против „црвената фурија“.
Џејкоб Вајли беше стандардно добар и на првиот во Скопје. За нецели 16.минути собра десет поени и пет скока, и уште еднаш потврди дека е едeн од носителите на играта на нашата селекција.
„Што може да се очекува од овој натпревар? Украина има доста добар тим, и сигурно е дека не очекува еден тежок меч. Ова е уште еден предизвик за нашиот млад тим, да покаже дека навистина може да игра против вака силни репрезентации, како на пример, шпанската. Она што се очекува од нас е да се бориме за секоја топка, за секој посед, сите да ја дадеме енергијата на теренот, па ќе видиме што ќе излезе од сето тоа. Мора да го имаме оној натпреварувачки дух потребен за вакви натпревари во кои се бориме за пласман на Светскиот Куп“, смета силното крило на нашата најдобра селекција пред дуелот со Украина.
Во вториот меч од оваа група, од 20.30 часот, во Хуен, Шпанија ја пречекува селекцијата на Шпанија. Една од нив ќе го заврши ноемврискиот ФИБА „прозорец“ со максимален ефект.
Инаку, натпреварот помеѓу селекциите на Украина и на Македонија кој се игра вечерва, ќе биде пренесуван на Спорт клуб HD 2.