Вељковиќ жестоко ќе возврати: Ќе го тужам Фудбалскиот сојуз на Белгија!

429

И натаму Дејан Вељковиќ, фудбалскиот агент кој деновиве беше ослободен од обвиненијата во процесот “чисти раце“, е една од најглавните вести во Белгија, но и пошироко, па и на Балканот, посебно ако се знае дека станува збор за човек со српско – белгиско државјанство. Менаџер или фудбалски агент кој работел со многу познати фудбалери од овие краеви, а посебно од Македонија каде беше задолжен за кариерите на повеќе наши познати фудбалери и некогашни репрезентативци. Во минатото беше чест гостин во Македонија, а можеше да се види во ложата на Арената во Скопје, на мечевите на репрезентацијата на Македонија, но и на големите дерби мечеви или куп финалиња.

Тој секако дека е задоволен од фактот дека правдата победила, дека тој не бил виновен во тој познат случај кој буквално го “разнесе“ фудбалот во Белгија, каде покрај него се споменуваа познати тренери, играчи, менаџери, раководства на клубови, па и селектори.

Сепак Вељковиќ има намера жестоко да возврати, има намера да го тужи Фудбалскиот сојуз на Белгија, кој без никакви докази му изрече суспензија од 10 години забрана за работење во фудбалот.

“Уапсен сум и одведен бев во притвор за работи со кои немав врска. Ме напаѓаа, а јас бев немоќен, не можев да се бранам“ ја започна својата исповест Вељковиќ за српските медиуми.

НЕ МОЖЕВ ДА КОМУНИЦИРАМ СО НИКОГО

Тој нагласува дека нема намера да им прости, посебно не поради фактот дека и неговата сопруга била исто во притвор.

Не можев да комуницирам со медиумите, со никого, едноставно не можев да се бранам. Дури и мојата сопруга беше во притвор, иако фудбалот воопшто не ја интересира. Во пролетта 2019 добив десетгодишна суспензија, замислете, а процесот не беше воопшто завршен. Само онака ми изрекоа суспензија, без да ги видат доказите. Не ми дозволија ни да ја обжалам одлуката. Затоа имам намера да го тужам Фудбалскиот сојуз на Белгија и да барам голема отштета“ продолжува познатиот фудбалски агент.

Не крие дека во тоа време мислел дека неговата кариера му е упропастена. Но сепак не се предал, случајот стигнал до Врховниот суд на Белгија, а пред неколку тој и официјално е ослободен од сите обвиненија.

“Сега сум невин. Секако дека сум среќен и возбуден. Со оваа одлука, сега ФС на Белгија мора автоматски да ми ја врати лиценцата.Направија голема грешка, ме осрамотија, и затоа како што реков ќе си барам отштета која нема да биде мала. Не смеев да работам три години, потоа тука е мојот душевен мир кој ми беше нарушен. Работев 23 години, сега ќе продолжам каде што застанав“ заклучи фудбалскиот агент Дејан Вељковиќ.

ПретходноИако сите очекуваа, Меси не се сретна со Лапорта во Париз
СледноБабунски стрелец во поразот на Ботев Враца