Куп -1/4 финале: Битола на нозе, доаѓа Вардар…скопска пресметка во Ѓорче…

324

Денеска од 13 часот се игра 1/4 финалето во Купот на Македонија. На програмата се четири супер – интересни натпревари. Сепак “главна“ ќе биде битката во Битола,каде под “Тумбе Кафе“ играат Пелистер и Вардар. Ова се “вечните“ ривали,ова е “Дербито на Македонија“ без разлика што Пелистер е последен во ПМФЛ а Вардар се мачи во Втората лига. Секогаш овие дуели се со посебен шмек,па затоа Битола е на нозе, доаѓа Вардар, доаѓа најлутиот ривал. Влогот е голем, кој ќе победи ќе се пласира во полуфиналето.

Во Ѓорче класика, скопска пресметка меѓу Македонија ЃП и Шкупи. Две екипи кои се во добра форма, две екипи кои посакуваат да одат што подалеку во ова натпреварување. Да се потсетиме дека пред 10 дена “лавовите“ го победија Шкупи во меч од ПМФЛ,очекувањата се дека ќе следиме неизвесен и квалитетен натпревар.

Под Шара ќе се “требат“ Шкендија и Струга ТЛ. Екипи кои исто така имаат високи амбиции сезонава во Купот на Македонија. Можеби мал фаворит е Шкендија, но Струга Трим Лум и тоа како знае да одигра против Шкендија.

Toa ќе биде тежок натпревар. Се знае со каков фонд и квалитет на играчи екипата на Шкендија располага. Сепак, ако се знае дека се игра еден натпревар, се е можно. Треба да се даде максимумот, да бидеме внимателни и да го извлечеме најдоброто од овој меч“ истакна Буњамин Шабани, капитенот на Струга ТЛ во пресрет на гостувањето во Тетово.

И во Кратово, актуелниот бранител на Купот, тимот на Силекс, на свој терен ја дочекува Брегалница. Некој ќе каже дека штипјани се фаворити, но кој може да се надева дека така лесно ќе слави над Силекс во Кратово, посебно ако се знае дека четата на Горазд Михаилов просто ги “гази“ сите свои ривали во Втората лига.

Да кажеме дека се игра по еден меч, победникот оди во полуфиналето. Нема да има продолженија во случај на нерешен резултат туку веднаш ќе се изведуваат пенали.

Инаку овие четвртфинални мечеви требаше да се играат минатата среда, но поради страшната трагедија во Бугарија, беа одложени за денеска.

ДВОЈКИ ЗА 1/4 -ДЕНЕСКА (13 Ч)

ШКЕНДИЈА – СТРУГА ТЛ

ПЕЛИСТЕР –ВАРДАР

СИЛЕКС – БРЕГАЛНИЦА

МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКУПИ

ПретходноРоналдо поради своите телохранители може да има проблем со законот
СледноКатар ги повика хомосексуалците на СП: Ќе биде безбедни, само без нежности во јавност!