Наполи и Ељиф Елмас прокоцкаа сигурна предност од 2:0 на гостувањето кај Сасуоло и останаа со само бод од денешното гостување во мечот од 15. коло во Серија А. По оние 0:0 во првиот дел, Елмас влезе уште од првата минута од продолжението, Наполи „живна“ и за 8 минути постигна два гола преку Фабиан Руиз и Мертенс за високи 2:0, но до крајот не успеа да ги претвори во победа.
Скамака во 71. минута намали на 1:2, а на минута пред истекот на регуларните 90 минути, Ферари успеа по вторпат да го матира Оспина за конечни 2:2. Домашните погодија и за 3:2 во судиското продолжение, но судијата ги спаси наполитанците откако го поништи голот поради прекршок.
Милан, пак, беше сигурен против Џенова на нашиот Горан Пандев. Ибрахимовиќ постигна девро-гол од слободен удар за 1:0, а потоа два гола додаде Жуниор Месиа за конечни 3:0. Со оваа победа Милан ја прекина серијата од два последователни порази.