Искусниот шпански фудбалер Жерар Пике го поддржа мислењето на Флорентино Перез дека се потребно итни промени во фудбалот за да се направи поатрактивен за новата генерација. Ова е една од главните точки на првиот човек на Реал во желбата да се формира Суперлигата.
Пике е активен надвор од фудбалските терени, како основач и претседател на групата „Космос холдинг“ која инвестира во спортот и медиумите. Пике и како бизнисмен ги гледа случувањата и смета дека фудбалот веќе заостанува.
„Фудбалот од спорт се претвори во друг производ. Доколку луѓето престанат да го конзумираат, ќе се намалат приходите, а со тоа и платите на оние кои учествуваат во него. Колку и да изгледа невозможно за најпопуларната игра, сепак, се случува. Во денешно време младите веќе го конзумираат фудбалот на поинаков начин од мене кога бев на нивна возраст. Веќе имаме „Нетфликс“ и „Инстаграм“ и фудбалот се трка со нив. Или ќе создадеш секси производ или ќе се распаднеш“, изјави Пике за „Ел Ормигеро“.
Инаку Пике додаде дека за ништо во светот нема да отиде во Реал Мадрид.
„Невозможно. Ништо не би ме убедило. Попрво би умрел отколку да одам таму“, изјави фудбалерот на Барселона.