Големото градско дерби меѓу Евертон и Ливерпул е обоено во црвено. Ливерпул славеше со убедливи 4:1 на гостувањето кај својот лут градски ривал и остана во мртва трка со Челзи и Манчестер Сити за водечките места во Премиер лигата.
Момците на Јирген Клоп му покажаа на некогашниот тренер на „црвените“, Рафа Бенитез, кој е кој оваа сезона, откако уште за неполни 20 минути поведоа со 2:0 со головите на Хендерсон и Салах.
Евертон за момент се врати во игра преку Греј кој намали пред крајот на првиот дел на 1:2.
Во вториот дел гостите беа трпеливи и ја казнија секоја домашна грешка. Салах во 64. минута зголеми на 1:3, а конечните 1:4 беа дело на Жота во 79. минута.
Шампионот Манчестер Сити, тесно славеше на гости на „Вила Парк“ против Астон Вила со 2:1 и му го нанесе првиот пораз на новиот менаџер на домашните, Стивен Џерард. „Граѓаните“ имаа убедливи 2:0 на полувреме со головите на Диас и Силва, но на стартот на вториот дел домашните се вратија за 1:2 преку Воткинс. Интересно е што Вила имаше и неколку одлични шанси да израмни, но гостинскиот голман Едерсон имаше брилијантни интервенции.