Филип Ѓоревски се очекува да биде назначен за нов извршен директор на МЗТ Скопје Аеродром. Станува збор за некогашен кошаркар на актуелниот македонски првак и дете од Аеродром, кој има долга историја со овој тим, како кошаркар, но и во младинските школи.
Главна цел на Ѓоревски во новата приказна со „сино-белите“ ќе биде враќање на вистинскиот јадрански сјај, враќање на оние времиња кога МЗТ Скопје играше против силни имиња во првата АБА-лига, времиња кога во Скопје гостуваа Партизан, Црвена Звезда..како и многу други познати кошаркарски имиња.
Тој беше дел од онаа генерација која се обидуваше да го спаси тимот од згаснување, во оние тешки времиња кога со неколкумината играчи се бореа да го одржат брендот МЗТ Скопје.
Во сезоната 2007/2008 година со крајно низок буџет, предвоени од тренерот Александар Тодоров, потоа и Марјан Лазовски, го донесоа тимот до полуфиналето на плеј-офот. И следната сезона под водство на Александар Петровиќ, „сино-белите“ го повторија истиот успех, стигнаа до полуфиналето и во Купот на Македонија.
Ѓоревски беше дел од МЗТ Скопје и во сезоната 2009/2010, група „ентузијасти“, како Анте Дуковски, кој подоцна прифати да го води тимот. Заедно со популарните „Фемили“ му дадоа „живот“ на тимот од Аеродром, кој следната година доби респектабилен Управен одбор од повеќе добростоечки компании.
По овие години Филип стана дел од раководниот кадар во младинската школа на клубот од Аеродром, и тоа шест години од сезоната 2011/2012 до сезоната 2016/2017.
По пауза од две години се врати назад во кошарката. Но сега како предводник на кошаркарски проект наречен Академија ФМП – Скопје. Цели четири години е носител на главната раководна функција во клубот кој од второлигаш стигна до Суперлигата, потоа во полуфиналето на плеј-офот во националниот Куп, а оваа година беше дел од Европа, а се натпреварува и во БИБЛ-лигата.
Сега одново му се враќа на својот омилен клуб во една поинаква улога и визија за уште посилен МЗТ Скопје и тоа на меѓународно ниво!