Денеска (петок, 16:00 часот) во Мадрид, Србија и Хрватска ќе играат меѓу себе во полуфиналето на Дејвис купот. Тоа ќе биде фантастичен меч поради големото ривалство на соседските земји, а Новак Ѓоковиќ вели дека тоа носи и дополнителен притисок.
„Очигледно е големото ривалство меѓу соседските земји. Исто така се присутни и дополнителен притисок, дополнителна мотивација и очекувања затоа што двете репрезентации сакаат да победат кога играат една против друга. Без оглед што ќе се случи, меѓу нас и противникот постои респект и пријателство, како на теренот така и надвор од него“, изјави Ѓоковиќ.
Еден од тие полуфинални дуели ќе биде Ѓоковиќ против Марин Чилиќ. Српскиот и светски ас, против најдобриот хрватски тенисер. Ѓоковиќ во 19 досегашни дуели со Чилиќ има 17 победи.
Се очекува во овој дуел Хрватска да ја претставуваат Борна Гојо и Марин Чилиќ во поединечните мечеви како и фантастичните и „непобедливи“ во дуелите во парови Никола Мектиќ и Мате Павиќ. Новак Ѓоковиќ ќе биде предводник на Србија, а ќе игра и во пар со Никола Чачиќ. За другата позиција во сингл конкурираат Лајовиќ, Крајиновиќ и Кецмановиќ. Ќе видиме кого ќе избере селекторот.
Инаку другото полуфинале, кое го сочинуваат Русија и Германија се игра во сабота.