ПМФЛ: Работнички со Ренова не победи, но барем ја прекина серијата порази…

278

Работнички и Ренова одиграа 0:0 во првиот меч од 16.коло ВО ПМФЛ и освоија само по бод. Секако дека овој епилог не им одговара ниту на едната ниту пак на другата екипа. Но бројните нереализирани шанси од двете страни се “виновни“ зошто не видовме барем еден гол на овој квалитетен меч.

Работнички не ја победи Ренова, но барем ја прекина серијата од три порази по ред, но гол нема, па нема. Ова е четврти меч во серија во кој “романтичарите“ не ја затресоа противничката мрежа.


ШЕФИТИ СО ШАНСА УШТЕ ВО 2.МИНУТА

Мечот почна со голема, супер шанса на Шефити уште во 2.минута, но Јанков одлично одбрани. Ренова беше таа што во првата фаза од полувремето беше подобра, но како што одминуваше времето домашниот состав се ослободуваше од притисокот. Сепак и тоа беше премалку за да се загрози голманот на “гипсарите“. Ристовски во 35.минута мораше да реагира подобро. На другата страна Алии прекрасно шутираше, но Јанков одново беше одличен.

Во вториот дел Работнички тргна похрабро, поодлучно, поагресивно. Сепак првата шанса ја имаше Ренова и тоа преку Перез во 50.минута, но неговиот шут од далечина за малку беше непрецизен. Врати Ристовски со својата втора шанса на мечот, и пак од само 10 метри но пак не го погоди оквирот на голот.

Селмани можеше и тоа како да ја затресе мрежата на Јанков, во 64.минута доби идеална топка, но од само 7-8 метри реагираше лошо, го промаши целиот гол.

Што ли не погоди Стојкоски во 67.минута. Еден кикс на одбраната на Ренова, мораше капитенот да го искористи, но Бајрами од гол – линијата ја отстрани опасноста. Најубавата шанса на мечот беше ова за било која екипа.

Нема што, Работнички беше подобар, многу подобар од она издание од првото полувреме, недостигаше само гол.

ПретходноПогледнете го „првенецот“ на Зајков за Левски (видео)
СледноЗАПАД: Воска и Силекс одиграа без голови, Вардар ја “демолираше“ Велешта (ВИДЕО)