Германскиот шампион Баерн (М) вчера во големото германско дерби ја совлада Борусија Дортмунд со 3-2. Одлуката падна со гол од пенал, кој крена многу прав и по натпреварот.
Фудбалерите на Борусија збеснаа на одлуката на судијата Феликс Цвејер и јавно ги прозваа челниците на Бундеслигата. Особено жесток во својата изјава беше младиот играч за врска на Борусија (Д), Џуд Белингем, кој за пеналот што го реши победникот рече:
„Тоа не беше пенал. Хумелс воопшто не ја гледаше топката, таа го погоди, но имаше и многу други неверојатни одлуки на натпреварот. Но, му ја дадовте најголемата средба во германскиот фудбал на судијата кој порано учествувал во местење на натпревари. Тогаш што требаше да очекуваме?“, праша младиот играч од средниот ред.
Судијата Феликс Цвејер беше дел од скандалот со наместени натпревари во 2005 година, кога примил мито од 300 евра за да му помогне на судијата Роберт Хојзер да „режира“ натпревар во „Цвајте“. Поради овој случај беше суспендиран на шест месеци, но потоа му се врати на судењето, а од 2009 година доби шанса да суди и во Бундеслигата.