Е.Пелистер има отворени врати да се најде на второто место на табелата во Европската лига. Одличната игра против Спортинг Лисабон на гости и ремито (27-27) им дава право да се надеваат на победа на утрешниот реванш меч (20:45 часот).
Најдобриот стрелец во редовите на единствениот македонски претставник во ова натпреварување, Реиние Табоада, е убеден дека ќе ги освојат бодовите.
„По првиот натпревар, на кој не бевме склопени и беше почеток на сезоната, сега сме многу подобри и во одбрана и во напад. Делуваме како комплетна екипа. Спортинг е тактички добар тим, имаат одличен тренер и добри индивидуалци. Напорно и детално се подготвуваме за овој втор натпревар и верувам дека ќе освоиме два бода во Битола. Кога дојдов ми требаше адаптација на новата средина, тука е и бариерата со јазикот. Сега е полесно. По првите два месеци на прилагодување, сега сите детали се одлични. Соиграчите и тренерот ми помагаат, се чувствувам одлично и едвај ги чекам европските натпревари“, Реиние Табоада.