Пишува: Зоран Ѓоршоски
Како што и се очекуваше „жешко“ беше на Автокоманда, на мечот меѓу Скопје и Шкупи во градската пресметка. Нервозна игра, бодовите повеќе од потребни, на крајот гостите од Чаир се радуваа, а домаќините тагуваа. Својот гнев посакаа да го “истурат“ и кон судиите. Сепак се се заврши без некој поголем инцидент и тоа благодарение на присуството на припадниците на МВР.
За детали нека си кажат надлежните, ние ќе се занимаваме со “фудбалски теми“. А кога станува збор за фудблот, тогаш Шкупи беше подобар, успеа да постигне три гола и да победи. По ремито на А. Пандев во Струмица против Брегалница, на две кола до крајот екипата на Гоце Седлоски дојде и до епитетот – есенски првак во ПМФЛ во сезоната 2021/22. Да, математички „пандевци“ имаат уште шанси, но гол – разликата од -17 во однос на чаирчани е преголема за да А. Пандев се надева дека ќе може да ја стигне во два меча до крајот. Фактите се тие.
РАБОТНИЧКИ ОДНОВО НЕ ПОСТИГНА ГОЛ
Минатата недела се “занимававме“ со тоа колку кола, колку натпревари екипата на Работнички нема постигнато гол. Сите во клубот од Градски парк сметаа дека токму саботниот меч со Ренова ќе биде пресвртница за нив, но бадијала. Работнички, посебно во второто полувреме, одигра добро, имаше и шанси, но сепак не успеа повторно да даде гол. Ова веќе станува критично. А и фактот дека нивниот голман Ристе Јанков според нас е во тимот на колото, кажува многу работи. Посебно за оние случување од првиот дел, поточно од 2.минута. Јанков го „чуваше“ својот тим.
Шкендија се изнамачи со “фенерџијата“, Пелистер дури водеше по првиот дел среде Тетово со прекрасниот гол на Јуфо, тој па само на Шкедија и дава голови, но на крајот домашниот состав се радуваше. А при таа радост настрада капитенот Егзон Бејтулаи и тоа од фрлена петарда од своите фанови, од “Балистите“. За среќа не дојде до нешто посериозно.
Тиквеш успеа да освои голем бод кај Струга ТЛ, евидентно е дека дека со Влатко Костов екипата од Кавадарци е некоја друга димензија. Струга ТЛ “опиена“ по пласманот во полуфиналето во Купот и триумфот среде Тетово над Шкендија, како да беше малку психолошки потрошена.
На крај, најголемо изненадување во ова 16.коло е ремито во Велес. Никој не очекуваше дека Македонија ЃП нема да го победи Борец…