Е.Пелистер – фантастичен, Спортинг се изгуби во Битола (ФОТО+ВИДЕО)

448

Е.Пелистер ја искористи новата шанса, го совлада Спортинг Лисабон на домашен терен со 31-25 (14-13) во последниот меч од оваа календарска година во Европската лига. Битолчани имаат скор три победи, две ремија и еден пораз по шест одиграни кола на паузата заминуваат како второпласирани.

Атмосфера во салата „Боро Чурлевски“ беше прекрасна, истата за првпат оваа сезона беше целосно распродадена. Ракометарите на македонскиот вицепрвак имаа силна поддршка од трибините, благодарение на своите фанови се издигнаа во тешките моменти.

Битолчани силно влегоа во дуелот, поведоа со 5-2 во шестата минута и застанаа. Цели 11. минути избраниците на Жељко Бабиќ беа без постигнат гол. Спортинг Лисабон казни, со серија од 6-0 и поведе со 5-8 во 17. минута.

Бабиќ повика тајм-аут, а неговите момци се разбудија. Мараш и Мандалиниќ, одбрана на Секељи го вратија Е.Пелистер на 7-8, кој играше „седум на шест“ во нападот. До 28. минута гостите одржуваа предност од два гола, но одново Секељи, заедно со Табоада, Обрадовиќ и Велковски се изборија за 14-13 на одморот.

 

Серијата на битолчани продолжи на стартот на второто полувреме за 15-13, со голот на Граџан поведоа и со 17-14, позитива која ја имаше во шестата минута. Е.Пелистер играше трпеливо, не брзаше, па во 40. минута за првпат дојде на плсу четири, со погодокот на Табоада (21-17).

Алармот во Спортинг се вклучи, по тајм-аутот, гостите не искористија шанса да дојдат на минус два, благодарение на Секељи. Битолчани со голот на Мандалиниќ на средината на вториот дел, поведоа со 23-18, но останаа со играч помалку.

Ниту овој момент не промени ништо, напротив битолчани испорачаа и цепелин. Ваквата игра ја дигна публиката на нозе, за домашниот тим беше добредојдена, за гостите проблем. Мандалиниќ со својот шестти погодок на Е.Пелистер му донесе позитива од шест гола (26-20), Велковски промаши за плус седум.

Португалскиот тим не успеа да го наруши ритамот на Е.Пелистер, ракометарите беа максимално мотивирани, не дозвлија средбата да заврши поинаку. На минута беше 31-24 за делириум на трибините.

Секељи мечот го заврши со 12 интервенции, Мандалиниќ и Периќ беа лидери, постигнаа по седум гола. на другата страна Салвадор реализираше шест погодоци.

ПретходноСП: Русија ја „збриша“ Србија, Холандија и Шведска завршија без победник
СледноНови реми за Нант и Лазаров во Европската лига