Рома повторно е во пад, а повторно на удар е Жозе Мурињо, човекот кој беше донесен да го врати тимот на врвот меѓутоа тоа не му оди. По двата порази по ред Рома падна на седмото место по 16. одиграни кола. А жестоко е критикуван по убедливиот пораз од Интер на „Олимпико“ (0:3).
По тој пораз се огласи и најголемата легенда на клубот Франческо Тоти. Тој го брани Мурињо и побара од навивачите и јавноста време и трпение.
„Како навивач, можам да кажам дека не поминуваме низ добар период, но ако не патиш тогаш не си навивач на Рома. Навивкнавме на подеми и падови, но сигурен сум дека Мурињо сака да помогне. Ајде на сите да им дадеме време“, изјави Тоти кој потоа ги искритикува играчите.
„Мораш да имаш силни фудбалери за да се надеваш на трофеи. Не е само до тренерот. Играчите се најважни. Не сакам да испадне како непочитување кон одредени членови, но во овој тим не гледам шампиони. Гледам само добри играчи кои можат да направат добри работи во одредени моменти“, додаде Тоти кој кратко беше директор на Рома за време на претходниот сопственик Џејмс Палота.
Тоти играше за Рома од 1992 па до 2017 година. Одигра 786 натпревари и постигна 307 голови, а освои една титула – онаа во 2001 година.