КОМЕНТАР НА 17.КОЛО: Мега – дербито без победник, ПРЕМИИТЕ неисплатени…

2231

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вчера и завчера се одиграа натпреварите од 17.коло во ПМФЛ. Сите со нетрпение го очекувававме мега – дербито на Чаир меѓу Шкупи и Шкендија. Двете наши најдобри екипи, клубови со најголеми буџети, клубови со најголеми амбиции. Не знам за другите, ама според потписникот на овие редови овој дуел, кој заврши 1:1, ги оправда очекувањата. Пред се поради амбиентот, имаше близу 7.000 гледачи што е рекорд на Чаир, имаше добра игра, двајца фантастични голмани Захов и Наумовски, имаше прекини, имаше и голови, и на крај имаше и спектакуларна завршница. Доста е за едно македонско дерби во ПМФЛ.

Да кажеме дека со оглед на тоа дека дербито заврши без победник, и премиите кои што им беа ветени на играчите останаа неисплатени. Според нашите информации, раководството на лидерот им ветило премија на своите играчи од 20.000 евра во случај да ја победат Шкендија. Требаше да ја поделат оваа сума, но не победија.

Можеме само да замислиме како се чувствуваа играчите на Шкендија кога во 89.минута Алварез им даде прекрасен гол за 1:1, и со тоа им извади од џебовите по 3.000 евра. Нашите информации велат дека во случај на победа секој играч на актуелниот шампион ќе добиеше премија од по 3.000 евра. Но, не доби, зошто Шкендија не победи.

Беше и помина дербито. Јасно е дека имаше пропусти во организацијата, јасно е дека не требаше да се фрлаат предмети по теренот, а за тоа организаторот ќе си сноси консеквенци. Шкендија доцна вечерта, околу 23 часот, излезе со официјално соопштение во кое најостро регаираше на се она што се случувало на Чаир. Се разбира дека Шкендија од своја страна си ја “гледа“ оваа средба, и може да си каже што сака, нејзино право. И сега не е мое јас да кажувам дали се сложувам или не. Ниту пак имам намера да го бранам Јакимовски, кој во најмала рака имаше реално судење, во најмала рака. Со тоа се сложи и нашиот стручен коментатор Мирсад Јонуз кој јавно го пофали Јакимовски.

Шкендија може да се лути и да биде гневна на други работи, посебно на оној играч кој што направи непотребен фаул на околу 20 метри од голот на Захов, посебно ако сите ние знаеме со каков шут располага Алварез. Да не беше тој прекршок, немаше Алварез да даде гол а Шкендија ќе си победеше и ќе дојдеше до Шкупи на само 5 бодови.

За другите мечеви нема што многу да се коментира, посебно не кога на „сцена“ беше едно такво дерби како Шкупи – Шкендија.

Само чуди како тоа Академија Пандев, која до вчера беше во “страшна“, форма си дозволи да загуби од Македонија ЃП со 1:4.

Веројатно лош ден беше во прашање, веројатно…

ПретходноКФСМ ги објави номинациите: Кадетките најуспешна младинска селекција за 2021 година
СледноФИА им се заканува на Верстапен и Хамилтон со строги казни за евентуалниот нов инцидент во Абу Даби