Пред клучната трка во Формула 1 шампионатот, онаа во Абу Даби следниот викенд Директорот на трки во Формула 1, Мајкл Маси, ги потсети Макс Верстапен и Луис Хамилтон дека потенцијално неспортското однесување на последниот старт на сезоната во Абу Даби може да доведе до одземање бодови.
Макс Верстапен и Луис Хамилтон со еднаков број бодови го започнуваат викендот за Големата награда на Абу Даби, а досега нивната битка ја одбележаа неколку „контакти“ на патеката. Последниот од нив беше во Саудиска Арабија минатата недела, по што возачот на Ред Бул беше казнет, но го задржа второто место од Џеда.
Маси предупреди дека потенцијалниот нов контакт меѓу двајцата може да доведе до сериозни последици, вклучително и одземање на поени.
Австралиецот наведува неколку параграфи од Меѓународниот спортски кодекс, кои се однесуваат на однесувањето на сите членови на тимот и потенцијалните казни.
„Тимот е одговорен за сите дејства или пропусти од страна на кое било лице кое учествува во трката во нивно име. Вклучувајќи ги особено нивните вработени, директни или индиректни, нивните пилоти, механичари, консултанти, услуги на добавувачи или патници, како и секое лице на кое тимот му дозволил пристап до ограничените области на патеката“ – вели Маси па додава.
„За сите шампионати, купови и трофеи во организација на ФИА, стјуардите може да одлучат да ги наметнат следните казни: суспензија за една или повеќе трки, повлекување на бодовите од шампионатот, купот и трофејот“ – вели Маси.