Во четвртиот меч од како дојде во Работнички како шеф на стручниот штаб, Борче Христов вчера во Штип и тоа на гости кај Брегалница, дојде до својата деби – победа. Работнички по подолго време не само што постигна гол, туку и го надигра домашниот состав, успеа да победи со 1:2 на ова гостување.
Секако дека задоволството кај Христов е големо, а тој за „Спортмедиа“ истакнува.
“Јас сум задоволен, сите во клубот сме задоволни. Конечно успеавме се она што напорно го работевме да го валоризиме на теренот, каде што треба. Оваа победа секако дека ќе ни ја врати самодовербата. Јасно е дека уште има немои работи кои треба да се доработат, но вредно се работи на тренинзите и верувајте дека ми е драго најмногу поради овие момци кои во Штип сакаа по секоја цена да победат и да се прикажат во вистинско светло, драго ми е што успеаја во тоа. Ние од меч во меч напредувавме и беше прашање на момент кога ќе ја прекинеме лошата серија“ конкретен е стратегот на клубот од Градски парк.
Инаку и нему му е јасно дека релизацијата мора да се подобри, исто така му е јасно дека во недела Работнички го чека уште потешка задача, ја дочекува одличната Македонија ЃП.
“Како тренер на Работнички многу добро знам што уште ни недостига во играта. Сепак мора да кажам дека овој тим располага со квалитет, по мене ние не треба да сме на она место каде што сме сега на табелата, никако. Имаме и млади и екстра талентирани момци кои се желни за докажување. На поправање на реализацијата работиме постојано, на секој тренинг. Потребна е поголема самодоверба на играчите, потребно е креирање на повеќе шанси, а головите ќе дојдат, јас не се сомневам. Што се однесува до мечот со Македонија ЃП знеме што не чека, но и на гостите ќе им биде тешко, и ние сме добра екипа. Ова е последен меч сезонава, годинва, барам од играчите да го дадат својот максимум со цел да дојдеме до позитивен резултат“ заврши Борче Христов.