Тиквеш 2014 успеа да дојде до големи бодови, на домашен терен го совлада Бутел Скопје со 29-25 во рамките на 14. коло во Супер-лигата. Кавадарчани ставија крај на серијата од пет победи во низа на гостинскиот тим, кој засега останува сигурен на третото место и покрај оваа разврска во салата „Јасмин“.
По 9-9 пред крајот на првото полувреме, домашниот тим со серија од 5-1 на полувремето поведе со 14-10. Од овој момент, ракометарите на Тиквеш не им дозволија на гостите да приредат пресврт, умешно ја чуваа предноста до самиот крај за осма победа сезонава.
Стефановиќ, Симиќ и Јанчев со по пет погодоци беа први стрелци, на другата страна Мојсоски и Митев имаа исто толку погодоци.
Претходно Е.Пелистер без проблем славеше кај Струга со 22-31 за 13. триумф и задржување на лидерското место, а дали ќе остане таму ќе биде познато во следното коло кога го дочекува Вардар 1961.