Кавадарци тагува: Брегалница ја доби “Битката за Истокот“! (ВИДЕО)

1130

Тиквеш – Брегалница 1:3 е епилогот од големото дерби на 18.коло во ПМФЛ, меч кој штотуку заврши. Тоа значи дека Кавадарци тагува а Брегалница ја доби “Битката за Истокот“. Реално гостите беа подобри, имаа повеќе шанси, постигнаа три гола и направија пресврт од 1:0 за Тиквеш во првото полувреме па се до 1:3 на крајот.

Кавадарчани во првиот дел беа солидни, имаа водство, но неколку грешки во одбраната си го сторија своето.

Интересно беше првото полувреме. По неколку добри акции и полушанси, Тиквеш постигна гол во 16.минута за водство од 1:0. По една мешаница пред голот на „сините“ најдобро се снајде Каракамишев кој стрелаше во мрежата на Денковски, кој претходно во истата акција двапати го спасуваше својот гол.

Брегалница напаѓаше, Стојанов и Ескиќ имаа свои шанси, но израмнување немаше. Во 42.минута супер шанса, и тоа од пенал, за Брегалница. Мартин Стојанов шутираше, но голманот на кавадарчани Столе Димовски успеа да одбрани.

БРЕГАЛНИЦА ПРАВИ ПРЕСВРТ…

Второто полувреме разбирливо започна со иницијатива на штипските „сини“, кои тргнаа на се или ништо. И тогаш, во таа 56.минута, по едно неспретно исфрлена топка од својот казнет простор домашните направија кикс, топката дојде до Јован Манев кој од само 10 метри успеа да го совлада Димовски за 1:1.

И тоа не беше се од гостите. Се играше 71.минута кога Ѓокиќ остана сам по таа десна страна пред голот на Тиквеш, тука немаше никој од домашната страна, а фудбалерот на Брегалница рутинирано реагираше и постигна гол за водство, за 1:2.

Тиквеш може да жали, имено во 80.минута Нгоба од само 7-8 метри не успеа да реализира чиста шанса. Истиот играч само неколку минути подоцна имаше уште една можност, но и сега не успеа да го совлада Денковски.

На другата страна Георгиев беше во шанса за 1:3, но Димовски не дозволи да се тресе неговата мрежа.

Тие 1:3 сепак дојдоа во 90+3.минута кога по еден голем кикс на домашната одбрана Алтипармаковски постави нога и топката влезе во мрежата на кавадарчани.

Тоа беше крај на ова дерби.

ПретходноАлварез: Шкупи оди по трите бода во Велес!
СледноСтив Кер ќе биде новиот селектор на „Дрим тимот“ на САД