Нашата гордост: Елмас ја “ЗАПАЛИ“ Италија!

3832

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Елиф Елмас веќе два дена не се “симнува“ од дневен ред на медиумите во Италија, па и во Европа, а во спортска Македонија е централен настан.

Два гола му “шибна“ на Лестер, го однесе својот Наполи во следната фаза во Лигата на Европа, а УЕФА го прогласи за играч на 6.коло во групната фаза во ЛЕ. Не паметиме досега некој наш играч и официјално да биде прогласен за најдобар на колото во групната фаза во ЛШ или ЛЕ.

Дијамантот сјае во сиот свој сјај, блеска жаргонски кажано на најбував може начин. Македонецот беше на насловните страни на спортските весници во Италија. Фановите на Наполи го слават, а тренерот Спалети нема ден да не каже нешто за Дијамантот. Па макар и дека Елмас бил добро момче, секогаш насмеан.

Ех, Лучано, како ние тоа да не го знаевме. За разлика од тебе тој Гатузо не знаеше што сака, не знаеше што злато, што Дијамант има во своите редови. Па затоа и е таму каде што е, а ти заедно со Македонецот јуришаш кон титулата во Серија А и ете, имаш шанса да стигнеш до завршницата во Лигата на Европа, и поради Елмас.

Пред некој ден ЦИЕС излезе со констатација дека пазарната вредност на Елмас е околу 70 милиони евра, пред еден месец се слушнаа информации дека Карло и Чави го сакаат Македонецот во Реал и Барса.

И да не е точно, годи тоа, да те има во сите европски медиуми дека најголемите клубови во светот те посакуваат. Каква чест.

Нема што, Елмас ја “ЗАПАЛИ“ Италија, го “запали“ фудбалски градот под Везув.

Убаво се сеќавам на еден коментар на Виктор Треневски за “Спортмедиа“ во пресрет на ЕП ова лето.

Тогаш Виктор кажа…

Елиф Елмас е легитимниот наследник на Горан Пандев.Јас многу добро го знам уште од Работнички, јас му дадов доверба да биде водач на тимот на неполни 17-18 години. Дечкото е феномен, роден победник, ќе видите каква ќе му биде кариерата, блескава. Само треба во Наполи да му се најде вистинското место“ посочи Треневски.

Ете, Виктор бил во право. Не дека ние се сомневавме во детето од Бутел, туку бевме нестрпливи, сакавме што побрзо Елмас да го замени Пандев. Да не говориме за тоа што Елмас направи Македонија да се најде во баражот за СП во Катар. Само ќе потсетиме на мечот со Исланд и доста е…

А вие драги читатели, знаете ли кој е најсреќен сега?

Тоа е Роберто Манчини, селекторот на Италија. Најсреќен е зошто Елмас нема да игра на 24 март во Палермо против неговите избраници во полуфиналето од плеј – офот за пласман на Мундијалот во Катар, поради жолти картони.

Ех, што ти е судбина…

ПретходноВардар 1961 на рехабилитација пред дербито, дерби во Битола
СледноРаботнички во „лов“ на важни бодови кај „залетаните“ кавадарчани