Еден час по ждрепката за осминафиналните дуели од Лигата на шампионите, во Нион ќе се одржи и извлекувањето на двојките за т.н. плеј-оф коло до осминафиналето на второто по ранг европско клупско натпреварување, Лигата на Европа.
Во оваа фаза имаме осум екипи кои не успеаја да ја минат групната фаза од Лигата на шампионите, како и осум состави кои го освоија второто место во групната фаза од ова натпреварување. Интересно е што на истиот тој начин се поделени и екипите во два различни шешира.
Во првиот се наоѓаат тимовите кои беа второпласирани во групната фаза на ЛЕ: Бетис (Шпанија), Брага (Португалија), Динамо Загреб (Хрватска), Лацио (Италија), Наполи (Италија), Олимпијакос (Грција), Ренџерс (Шкотска), Реал Сосиедад (Шпанија), додека во втората група се екипите кои се приклучуваат од Лигата на шампионите: Аталанта (Италија), Барселона (Шпанија), Борусија Дортмунд (Германија), РБ Лајпциг (Германија), Порто (Португалија), Севиља (Шпанија), Шериф (Молдавија), Зенит (Русија).
Според правилата, во оваа фаза нема да може да играат екипи кои доаѓаат од иста земја. Екипите кои се приклучија од ЛШ ќе бидат домаќини на првите средби, додека оние кои беа второпласирани во групите во ЛЕ ќе ја имаат предноста да бидат домаќини на реваншите. Интересно е што во оваа рунда може да имаме и „македонски дуел“. Елмас со Наполи и Ристовски и Адеми со Динамо (З) за противник би можеле да го добијат Шериф на Бобан Николов.
Натпреварите ќе се одиграат на 17 и 24 февруари.
✅ Knockout round play-off teams confirmed! #UEL pic.twitter.com/NbJEx2GwcO
— UEFA Europa League (@EuropaLeague) December 9, 2021