Некогашниот селектор на македонската одбојкарска репрезентација, Јошко Миленкоски, до крајот на сезоната ќе го предводи грчкиот прволигаш Финикас. Миленкоски минатата недела почна со работа во грчкиот клуб со кој на премиерата не успеа да ја мине 1/16-финалната рунда во ЦЕВ купот. Финикас беше поразен во првиот меч на гости кај белгиски Хасроде со 3:0, па иако со доаѓањето на Миленкоски на реваншот славеше со 3:1, не успеа да го добие т.н. „златен сет“ за осминафинале.
„Белгијците имаа голема предност од првиот меч и реално немав доволно време да ја подготвам екипата за реваншот. Успеавме да победиме со 3:1, но во ’златниот сет’ не добија со 15:13 и испаднавме. Сега останува мојата првична задача за која и пристигнав во Финикас да го водам до крајот на сезоната, а тоа се домашното првенство и купот“, вели нашиот стратег, кој последните ангажмани ги имаше во Тунис.
Пред Миленкоски првата шанса за трофеј со екипата на на Финикас е мечот од Суперкупот на Грција која ќе го одигра веќе на 22 декември.
„Објективно тоа е првиот меч за трофеј. Играме против шампионот Олимпијакос и ќе биде навистина една убава средба. Олимпијакос е исклучително квалитетна екипа, впрочем и како целата лига. Овде има најмалку 5-6 екипи кои се на високо ниво и секој може да победи секого. Олимпијакос е прв на табелата и оваа сезона, па сега преостанува добро да се подготвиме и за тој меч, но и за продолжението од првенството“, вели нашиот стручњак.
Миленкоски викендов во грчката Суперлига ја оствари и деби-победата со Финикас, откако на домашен терен во неизвесен меч со 3:2 славеше над Кифисија.