МЗТ Скопје запиша победа во првиот меч од „балонот“ во Сараево, го совлада Хелиос со 94-88 во дербито на петото коло, кое беше и битка за второто место на табелата во АБА 2-лига.
Добрата игра во второто полувреме им го донесе четвртиот триумф на кошаркарите од Аеродром во второлигашкото јадранско натпреварување. По двоцифрената негатива на одморот со серија од 10-0 се врати во мечот.
Вер со 23 поени и Мекиќ со 20 поени беа главните мотори во редовите на МЗТ Скопје и главни креатори на пресвртот. Добра партија пружа Рикиќ со 21 поен.
Хелиос ја имаше контролата во првото полувреме, македонскиот првак поведе на стартот со 2-0, противникот врати со серија од осум поени, најголемата позитива во првата четвртина беше седум поени 15-22. Кошаркарите на Хелиос не застанаа со нова серија од 7-0 на стартот на втората четвртина дојдоа до двоцифрено водство од 19-29. Истата негатива МЗТ Скопје ја имаше на поливремето 35-45. Актуелниот македонски првак имаше проблем со реализацијата од линијата за три поени.
Многу подобра игра на „сино-белите“ во третиот период, го доби со 26-19 и брзо ја стопи двоцифрената негатива. По тројката на Мекиќ на истекот на 30. минута, МЗТ Скопје направи целосен пресврт, со осумте поени на Вер и двата поени на Робев зголеми на 71-64 во 32. минута.
Мекиќ, творецот на серијата, со нова тројка зголеми на 75-66, најголемо водство на македонскиот тим на мечот. И двата тима под притисок правеа грешки, Махковиц со тројка учествуваше во мини серијата на Хелиос, намали на 77-74 на три и пол минути до крајот.
Мекиќ со петата тројка на мечот го врати својот тим во колосек, Рикиќ и Стојановски ги казнија грешките на противникот, МЗТ Скопје на минута и десет секунди имаше ветувачки 85-75. Тука беше крајот на оваа средба, противникот се обидуваше со брзи поени да го стопи водството на македонскиот првак, кој во последната минута се опушти, но не ја загрози победата.
Во следното коло, македонскиот тим ќе игра против Спарс.