Вицешампионките од последното светско првенство во 2019 година, репрезентацијата на Шпанија е втор полуфиналист на Мундијалот кој се одржува на нивен терен. Шпанките вечерва во импресивна партија славеа над Германија со 26:21 и и се приклучија на Данска меѓу полуфиналистите.
Иако Германија добро го отвори мечот, па на стартот имаше серија од 4:0, која умешно ја одржуваше се до 7:3, Шпанија успеа во многу кус период да се врати во игра, па дури и да поведе со четири гола разлика и со 14:10 да замине на пауза.
Во второто полувреме продолжи борбата, но Германија не успеа да најде начин да ја намали разликата. Шпанија со голема поддршка од трибините се избори за ново полуфинале.
Кармен Коста постигна 7 гола од 7 обиди и беше вистинска ѕвезда во домашниот тим.