Фудбалерите на Манчестер Сити ја обезбедија најубедливата победа оваа сезона во Премиер лигата, откако вечерва на домашен терен славеа со 7:0 над Лидс Ј. во меч од 17. коло. Момците на Пеп Гвардиола потполно го уништија тимот на Марсело Биелса и во текот на сите 90 минути доминираа.
Во првото полувреме „граѓаните“ имаа предност од 3.0 со погодоците на Фоден, Грилиш и Де Бруин, а во вториот дел отидоа и чекор подалеку. Марез најпрво зголеми на 4:0, па следуваа и головите на Де Бруин, Стоунс и Аке за тотална бламажа на Лидс Ј.
Последен пат тимот од „Еланд Роуд“ бил вака посрамотен во 1966 година кога во меч од Лига Купот против Вест Хем загубил со 7:0. Во првенството последен пат пораз со седум гола разлика Лидс Ј. има претрпено во далечната 1934 година кога со 8.1 загубил од Стоук.