Трилерот во Битола без победник: Дибиров го спаси Вардар од пораз

422

Мега ракометното дерби во Супер-лигата заврши без победник, Е.пелистер и Вардар одиграа драматичен меч, ги поделија бодовите (27-27). Македонскиот првак имаше шанси лесно да дојде до победата, имаше позитива од пет гола, но им дозволи на битолчани да се вратат во игра. На крајот Дибиров од седум метри донесе бод како планина. Можеби овој исход е најреален, награда за лавовската битка на двата тима на теренот.

Гаџа со осум гола беше прв стрелец кај Вардар, херојот на гостите, Дибиров запиша четири, Тото имаше шест погодоци. На другата страна, Мандалиниќ имаше седум гола, еден повеќе од Обрадовиќ.

До средината на првото полувреме беше изедначено, водството се менуваше. За разлика од домаќинот, кој немаше помош од голманите, на другата страна Борко Ристовски во вистинско време ги запиѓа своите интервенции. По 7-7, Вардар со серија од два гола и тоа во изведба на Тото поведе со 7-9, момент по кој Бабиќ повика тајм-аут. Не помогна ниту промената на голот кај Е.Пелистер, излезе Секељи, влезе Кизиќ.

Со серија од 3-0, првакот поведе со 9-12 во 20. минута, оваа позитива умешно ја одржуваше, имаше шанса да поведе и со плус пет, но не го искористи нападот. Тоа им успеа во 27. минута, расположениот Гаџа со шестиот погодок заголеми на 12-17. Бабиќ повика тајм-аут, втор на оваа средба, не помогна ниту тоа, Вардар пак не искористи нова шанса, овој пат за плус шест. На одморот беше 13-17.

Битолчани со серија од 3-0 (вклучувајќи го голот во 30. минута) и расположениот Секељи се доближија на 15-17. Со две обрани на Борко, реализација на Тале и Дибиров, гостите одново дојдоа на плус четири (15-19).

Вардар и покрај притисокот од публика, успеваше да одговори добро, позитива од четири гола ја одржуваше до средината на овој дел, благодарение на Борко, ги носеше своите соиграчи кон победата.

Откако „црвено-црните“ не искористија напад за плус пет, Е.Пелистер дојде на минус два (20-22) во 47. минута со погодокот на Павлетиќ, на голот кај домаќинот беше распложен и Секљи.

По којзнае кој пат, Вардар се издигна за кратко време ги врати плус четири (21-25) пред 50. минута. Но тука актуелниот македонски првак влезе во криза, дефанзивата попушти, не помогна ниту тајм-аутот на Недановски. Со серија од 6-1, битолчани го вратија водството од почетокот 27-26 на минута и пол до крајот. Вардар не искористи напад за израмнување, на другата страна битолчани направија грешка. Десет секунди останаа за спас на гостите, Гаџа изнуди седум метри, Дибиров се избори за бод 27-27.

ПретходноНеверојатно: Соиграч на Елмас уапсен на аеродромот во Неапол!
СледноУште едно реми на „ВЕЧНИТЕ“, по фудбалот, вечерва и на ракометот! (ФОТОГАЛЕРИЈА)