Битола на големо се подготвува за ракометниот спектакл. Битола „гори“, Е.Пелистер има одлична шанса да го симне Вардар на второто место на табелата и да покаже дека оваа сезона има далеку поголеми шанси да донесе титула по долго време.
Салата „Боро Чурлевски“ е распродадена, на едната страна ќе бидат „Чкембарите“, на другата страна ќе бидат „Комитите“, доволна најава за битката на најдобрите во Супер-лигата, доволна најава дека ова дерби ќе биде поинакво од сите останати. Македонскиот ракомет ги чекаше овие денови, кога вечните ривали ќе ги „вкрстат“ копјата пред полни трибини (капацитет кој е дозволен во време на пандемија коронавирус).
Е.Пелистер влегува со голема самодоверба, зад себе има одлична европска серија. Од избраниците на Жељко Бабиќ се бара да го сторат она што нивните помлади колеги од вториот тим го направија пред некое време, кога први го урнаа Вардар 1961. Секое друго сценарио ќе биде разочарувачко.
На другата страна, Вардар се најде во тежок период, поради лошата серија во Лигата на шампиони. Во Битола доаѓа по тренерската смена, Веселин Вујовиќ ја плати сметката за седумте порази во низа, а диригентската палка му припадна на Владо Недановски, кој има пеколно деби на клупата.
Сепак македонскиот првак во домашниот шампионат е друга приказна, а ова добро им е познато на битолчани. Победа е она што може да ги дигне вардарци, само со победа ќе покажат дека тронот не е во опасност и дека во тешките моменти се најсилни.
Подобриот од оваа средба во следната фаза ќе пренесе максимален број на бодови. Првата средба во Скопје заврши со победа на „црвено-црните“ од 29-26.
Мечот е закажан во 18 часот, од истиот ќе има директен пренос на МТВ.
Покрај оваа средба, во рамките на 15. коло во Супер-лигата ќе се одиграат уште две, Охрид се среќава со Радовиш (18 часот), додека Прилеп е домаќин на Скопје, половина час подоцна.