Младата репрезентација на Македонија до 21 година утре на тренинг центарот „Петар Милошевски” ќе го одигра првиот од двата контролни натпревари против селекцијата на Косово.
Селекторот на Македонија до 21 година, Драги Канатларовски за утрешниот пријателски дуел се одлучи шанса да им даде на фудбалери од генерацијата 2002/2003.
Играчот за врска на Работнички, Димитар Тодоровски, кој е еден од нашите најголеми таленти од генерацијата 2002/2003 кој зад себе веќе има 3 настапи за селекцијата до 21 година, вели дека Македонија атакува на победа на секој натпревар, без разлика за кој противник станува збор.
„Имаме одлични подготовки, селекторот уште на правиот тренинг јасно ни ги кажа своите идеи и замисли, се надевам дека на утрешниот натпревар ќе одиграме добро, онака како што очекува селекторот од нас и ќе успееме да издвојуваме победа. Иако се работи за пријателски натпревар, оваа селекција на Македонија заедно со селекторот секогаш ќе настојува да оствари победа на секој меч и против секоја репрезентација, без разлика на нивнот квалитет. Новите играчи се одлично прифатени, атмосферата во самата репрезентација е одлична, функционираме како едно семејство. Имаме одлична генерација на млади фудбалери, се надевам дека квалитет кој го поседуваме е неоспорен ќе успееме да го прикажеме на утрешниот натпревар против Косово“.