Денеска беше извршена ждрепката за Лигата на нациите и европскиот првак Италија за противници во групата ги доби Англија, Германија и Унгарија. Таа група е посочена како „група на смртта“ со оглед на квалитетот на ривалите.
„Добра група, со Англија, Германија и Унгарија. Италија доби ептен забавна група. Тоа ќе бидат супер фудбалски натпревари. Да се соочиш со силни ривали е дел од целиот спектакл наречен фудбал. Веќе игравме со Англија во финалето на ЕУРО па тоа ќе бидат два жестоки натпревари. Дуелите со Германија е фудбалска класика, а за мене прв меч против овој противник и се радувам поради тоа. И на крај Унгарија има италијански тренер (Марко Роси), а имаа добри настапи на ЕУРО“, изјави селекторот на Италија, Роберто Манчини.
„Ќе пробаме да ја освоиме Лигата на нациите. Оваа година стигнавме до Фајнал форот, а сега ќе се обидеме повторно да дојдеме до таму, а потоа да се обидеме и до трофејот“, додаде Манчини.
Натпреварите ќе се играат во јуни и септември 2022.