Рома на Жозе Мурињо конечно заигра како што треба, денеска во Бергамо славеше против Аталанта со 4-1. Клубот од главниот италијански град постигна по два гола во двете полувремиња и по долго време го зеде скалпот на една од екипите од врвот на Серија А.
Своите минути ги дочека и португалскиот стручњак, кој имаше што да каже.
„Постојано ги слушам луѓето како зборуваат дека Рома цели 19 месеци не победила ниту една екипа од Топ 5. Сега можете да кажете дека има поминато 20. минути. Не сакам да зборувам за Интер, кој за мене е над сите тимови во Серија А, но против екипи како Аталанта, Милан, Наполи, не е доволно само да имате тактичка организација или физичка агресивност, треба да бидете совршени во се“, изјави Мурињо па додаде:
„Некогаш како денеска, кога ќе примевме гол веднаш паѓавме. Но, наместо тоа, ние продолживме со истиот пристап и направивме голем чекор напред“.
Рома во моментов е на шестото место со 31 бод, додека водечкиот Интер има 43 бода.