Поранешниот англиски напаѓач, освојувач на „Златната топка“, Мајкл Овен зборуваше за својата кариера во интервју за „Дејли меил“. Тој имаше неверојатен подем, почна на Енфилд, играше за Реал Мадрид, па за Манчестер Јунајтед за репрезентацијата на Англија но повредите го спречија да оствари повеќе.
Неговиот најсјаен потег беше фантастичниот погодок против Аргентина на Мундијалот во Франција во 1998 година. На 20 години ја освои „Златната топка“ што е исто така неверојатен подвиг. Беше рамо до рамо со Луис Фиго, Дејвид Бекам, Раул, Оливер Кан, но набргу потоа неговата кариера тргна по надолна линија.
„Во периодот од десеттата до 17. година од животот верував дека никој на светот не е толку добар колку мене. Со 18 години постигнував голови на Светско првенство, на 21 година ја освоив Златната топка… Потоа дојде онаа тешка повреда и тогаш почнаа проблемите“, изјави Овен.
Тоа се случи на „Енфилд“ во април 199 година пред крајот на третата сезона во дресот на Ливерпул
„Најлошата повреда за мене беше повреда на тетивата. Во тоа време не се одеше веднаш на операциа, туку морате да чекате природно да се излечи. До крајот на кариерата трчав така што во десната нога имав две, а во левата три тетиви. Тоа ми беше слаба точка. До тогаш бев силен како камен, не пропуштив ниту еден натпревар, потоа беше многу поинаку“, вели Овен.
Сепак, Овен се врати на терените со неколку трофеи, со Ливерпул го освои Лига купот, ФА Купот, УЕФА купот, Суперкупот на Европа…
„Во тоа време во Англија Златната топка не беше толку истакната. Кога ми ја дадоа на Енфилд им реков: Ме сликавте? Ајде сега носете ја надвор, ќе почне мечот“. Кога прејдов во Реал Мадрид сфатив што значи да си освојувач на Златната топка. Таму гласно зборуваа: „Донесовме освојувач на Златната топка“ и си помислив: „Господе, никој не ме почитувал вака дома. Се почувствував горд“, вели англискиот голгетер.
На Енфилд го обожаваа, во Манчестер почитуваа, но исто така вели дека не му било пријатно кога го дочекале со свирежи во Ливерпул кога доаѓал со Јунатед и со Њукасл.
„Го прифатив тоа. Некако знаев дека ќе се случи. Во Манчестер ме почитуваат поради голот за победа во дербито, хет-трик во ЛШ, погодок во финалето на Купот… Сепак, моето срце е во Ливерпул. И мразев кога ќе отидам таму како играч. Се чувствував како да се тепам со родениот брат“, раскажува Овен кој направи споредба со неговата генерација на репрезентативци на Англија и сегашната.
„Не би рекол дека Хари Кејн е подобар од Вејн Руни. Го имавме Ешли Кол еден од најдобрите бекови на светот, нашите стопери беа фантастични. Сега нема играчи за врска како Џерард, Лампард или Сколс. Ако сегашните фудбалери го освоеја ЕП или СП ќе бев депресивен и ќе се прашував како мојата генерација не успеа да освои ништо.
Кога ќе се вратам назад, мислам дека ни недостасуваше тимски дух, а тоа сега го имаат играчите на Герет Саутгејт. Се сакавме во националниот тим, но секоја втора недела се мразевме. Не можевме да го тргнеме клупскиот ривалитет од себе. Втората работа е селекторот. Да беше Глен Ходл, а не Ериксон, мислам дека ќе го освоевме СП 2002“, анализира Овен кој одигра 83 меча за Англија и постигна 40 голови.
Тој додава дека неговиот рекорд би бил многу подобар ако играл некои „бесмислени“ натпревари како што Англија одигра против Сан Марино и го победи со 10:0 и обезбеди пласман на СП во Катар, а Хари Кејн постигна четири гола.
„Малку сум љубоморен што никогаш не играв против Сан Марино. Го гледам списокот на селекции на кои сум им дал голови: Бразил, Аргентина, Германија… Кога ќе погледнам списокот на голови на Кејн си велам: „Головите против аматери не треба да се сметаат“, завршува некогашниот англиски ас.