ТИМ НА ПОЛУСЕЗОНАТА: Алварез е најдобриот меѓу најдобрите…

1146

Во жестока конкуренција со Мартин Мирчевски од А. Пандев, сепак според анализата на „Спортмедиа“, Фреди Алварез е најдобриот меѓу најдобрите во есенската полусезона. Костариканецот беше “мозокот“ на Шкупи, на есенскиот првак, тој беше двигателот на сите успеси оваа есен на чаирчани, а постигна притоа и 8 голови. Фреди е најважната „алка“ во играта на тимот кој што досега покажа најмногу, без дилеми. И затоа е најдобриот фудбалер во есенската полусезона во ПМФЛ која пред неколку дена заврши.

Од Шкупи тука се и голманот Кристијан Наумовски, потоа стоперот Фаустин Сенгор и секако „бомбардерот“ Сандеј Адетунџи. Вкупно четворица, апсолутно заслужено.

Мартин Мирчевски секако дека ја одбележа полусезоната, постигна 16 голови во дресот на А. Пандев и затоа е тука каде што е.

Од Шкендија двајцата странци, Јан Кривак и Синдрит Гури, се во тимот на полусезоната. Јасно е дека многу повеќе се очекуваше од репрезентативците Љупче Дориев и Егзон Бејтулаи, но тие едноставно не беа на своето ниво.

Клисман Цаке, дефанзивецот на Струга Трим Лум е меѓу најдобрите, па и не треба да се трошат премногу анализи зошто е тоа така. Ермедин Адем, капитенот на Македонија ЃП исто имаше супер есенска полусезона, еден од “моторите“ на тимот од Ѓорче, еден од водечките на листата на стрелците во ПМФЛ, а игра како “везњак“.

Брегалница на Марјан Алтипармаковски треба да му даде посебно признание. Самиот тој им донесе најмалку 10 бодови на штипските “сини“. Ако не беше тој со своите голови кои најчесто беа победнички, Брегалница есенската полусезона ќе ја завршеше во опасната зона на табелата. Тоа сигурно.

Ремзифаик Селмани во дресот на Ренова ја одигра веројатно својата најдобра полусезона во својата кариера. Втор најдобар стрелец во Лигата, асистент, главниот играч на “гипсарите“.

Тоа е нашиот избор за тим и играч на полусезоната.

Се разбира дека секој си има свои “вкусови“, математики, анализи, показатели…ние нашето си го кажавме.

ИГРАЧ НА ПОЛУСЕЗОНА
ФРЕДИ АЛВАРЕЗ
Тим: Шкупи
Роден: 26.04.1995 во Костарика
Кариера: Саприса, ЦС Уругвај, УЦР Хередиано, АДР Џикарал, Шкупи

ПретходноВечното дерби на Белгија без победник (ВИДЕО)
СледноНавивачите на Феенорд го чекаа Ајакс, добија туширање (ВИДЕО)