Шпанскиот тенисер Рафаел Надал изјави дека не може да гарантира учество на Австралија опен во Мелбурн. Освојувачот на 20 Грен слем титули се врати на терените на егзибицискиот турнир во Абу Даби, каде претрпе два порази од Енди Мареј и Денис Шаповалов.
„Идејата е да патувам и да се обидам да се претставам на најдобар начин во Австралија. Но, да бидам 100 отсто подготвен, искрено тоа во моментов не можам да го гарантирам”, изјави 35-годишниот Надал.
„Морам да разговарам со мојот тим. Поминаа повеќе од шест месеци откако имав вистински официјален натпревар. Ситуацијата е комплицирана, но ја прифаќам. Имав шанси и на двата натпревари што ги одиграв овде, така што од перспектива е позитивно“, рече Надал.