Златко Хорват и Металург ја завршија заедничката соработка, која траеше сезона и пол. Хрватскиот репрезентативец, кој беше едно од најзвучните засилувања во македонскиот ракомет и раководството на клубот спогодбено и пријателски се разделија, причината е финансиската ситуација во која се наоѓа тимот од Автокоманда.
Хорват е голем товар за Металург, а со оглед на тоа дека македонскиот тим се откажа од Европската лига и се сврте кон целосно финансиско заздравување, и покрај големата желба, мораше да се раздели со Хрватот.
Во интервју за „sportske.jutarnji.hr“, тој зборуваше за ситуацијата во Автокоманда.
„Ситуацијата во Металург не е добра, има многу турбуленции, останавме без некои играчи кои ни беа важни. Но, верувам дека сега кога заминувам, полека ќе почне да се извлекува и дека оваа приказна добро ќе заврши. Ја добија поддршката од општината во која се наоѓаат и тоа многу им значи. Колку повеќе ќе се определат за афирмација на младата екипа, тоа ќе биде подолгорочен проект. Се договоривме спогодбено, веројатно во овој момент финансиски сум голем товар. Сè помина во добар тон. Искрено не се сеќавам дека некогаш било вака во Загреб, иако имаше тешки ситуации“, вели Хорват.
Тој остана голем, потенцира дека брендот Металург сепак останува голем.
„Без разлика на ситуацијата овде, Металургот сепак е име и мислам дека постои желба сето тоа да се сочува во добро светло“, додаде Хорват, кој се уште нема официјално договорено со ниту еден тим, иако се споменуваше унгарски Дабаш.