Алими како повод: За 3,5 години исчезна најславниот тим на Шкендија!

3189

Повеќе од јасно е дека во фудбалот нештата се менуваат од ден на ден, некогаш и од корен што се вели. Сепак некои работи треба да се укажат, да се потсетиме на нив, се со цел грешките да не се повторуваат. Секако дека јасно е дека во фудбалот чести се заминувањата, потоа ангажманот на нови играчи, па не може еден тим, колку и да е добар, да игра постојано со години. И најголемите клубови во светот ги менуваат своите тимови, но ова што се случи со Шкендија во последните 3,5 години навистина е чудно.

Заминувањето на Арменд Алими е како повод да се потсетиме на оној шампионски тим на Шкендија од сезоната 2017/2018. Тим кој што стана легендарен, тим кој што стана најславен во клупската историја.

Во таа сезона Шкендија ја освои титулата со +35 бодови разлика пред вториот Вардар и +39 бодови пред третиот Работнички. Таква разлика во модерниот фудбал, па и во светски рамки ретко или никогаш не се случила.

Тогаш под водство на стратегот Ќатип Османи тимот на Шкендија одигра 36 меча, победи на 29, четири пати ремизираше, и доживеа само три порази. Имаше неверојатна серија од 20 меча без пораз. Постигна 101 голови, а прими 27. И освои 91 бод.

Од таа генерација во Шкендија во таборот на тетовци сега се уште само Костадин Захов, Егзон Бејтулаи и Мевљан Мурати. Последен си замина Арменд Алими а пред него Бесарт Ибраими.

Кога сме кај тој тим на Шкендија вреди да се потсетиме кој се играше во него, барем на оние кои го дадоа својот придонес за таа фамозна шампионска титула.

ТИМОТ НА ШКЕНДИЈА ВО 2017/2018

ГОЛМАНИ: Костадин Захов, Бекир Реџепи. ОДБРАНА: Егзон Бејтулаи, Висар Муслиу, Ардијан Цуцули, Благоја Тодоровски, Мевљан Мурати, Мевљан Адили, Ивица Челиковиќ, Алма Вакили, Олси Теќа, Леард Садриу. СРЕДЕН РЕД: Штефан Вујчиќ, Нилдо Виктор Јуфо, Енур Тотре, Стенио Жуниор, Бесмир Бојку, Арбин Зејнулаи, Енис Фазлагиќ, Арменд Алими. НАПАД: Ферхан Хасани, Шефит Шефити, Бесарт Абдурахими, Марјан Радески, Изаир Емини, Бесарт Ибраими.

Можеби некого испуштивме да споменеме, но треба да се каже дека таа сезона дојде веднаш по мега успехот на Вардар кога скопските “црвено – црни“ играа во групната фаза во Лигата на Европа. И против еден таков Вардар, тој тим на Шкендија му избега дури 35 бодови. Вистинско чудо беше тоа.

А, сега? Каде е таа Шкендија? Каде е клубот кој што и покрај се има најквалитетен состав, најголем буџет.

Е, па, на трето место, зад Шкупи и А. Пандев. Токму затоа фановите на Шкендија ги фаќа нервоза и не можат да сфатат зошто е тоа така.

Захов, Бејтулаи и Мурати…се последните „мохиканци“ од најславниот тим на Шкендија, кој патем играше и во плеј – офот во Лигата на Европа против еден Милан.

ПретходноЈовиќ: Сите дишеме како едно, заслужуваме место во плеј-офот
СледноАгуеро доби понуда да биде амбасадор на Манчестер Сити!