Чаир веќе две децении чека на нова титула, четврта во историјата на Шкупи или по старо Слога Ј. И ако се биде според прогнозите, желбите на фановите на овој клуб, тогаш во мај би требало да се слави таа толку посакувана титула. А ако тоа се случи, најголемата, или пак една од најголемите заслуги ќе одат кај Гоце Седлоски.
Трофејниот стратег во финишот на минатата сезона седна на клупата на чаирчани и веднаш донесе шампионски шмек. Направи тим според свои замисли и работите тргнаа во посакуван правец. Имено Шкупи есенската полусезона ја заврши како првопласиран и тоа со 7 бодови пред втората А. Пандев и со 8 бодови разлика во однос на Шкендија, актуелниот шампион на Македонија.
И затоа нема ниту пак смее да има дилеми околу тоа кој е најдобриот тренер во есенската полусезона во ПМФЛ. Тоа секако е Гоце Седлоски.
Станува збор за еден од нашите најдобри фудбалери во историјата, после Горан Пандев фудбалер со најмногу настапи во репрезентацијата, вкупно 100, долги години капитен.
Тренерскиот занает го учеше во Матерсбург, шампионски стратег на Вардар, има и интернационална кариера.
За крај еден податок. Имено каде што и да бил тренер во ПМФЛ, во Хоризонт Т, Вардар и сега Шкупи, Гоце Седлоски секогаш со својот тим бил есенски првак.