Сонуваат за Халанд и Влаховиќ, а немаат пари за Јусуф Демир!

513

Шпанските медиуми постојано сонуваат и на големо пишуваат за мега-трансфери во редовите на Барселона. Се споменуваат имиња како Ерлин Халанд и Душан Влаховиќ, но реалноста е сосема поинаква иако не сакаат да ја видат.

Касата на каталонскиот гиган е толку многу испразнета и сиромашна што првиот човек на клубот, Жоан Лапорта не може да ги финансира проектите од ова лето.

Најсвеж пример за ова е Јусуф Демир. Тинејџерот од Рапид беше донесен како еден од најголемите таленти во Европа. Каталонците во јули триумфално се пофалија дека го зеле ова момче пред Баерн и Дортмунд, и пред ривалите од Манчестер, но само шест месеци подоцна мора да признаат – пораз.

Барса на Рапид му платила 500.000 евра за позајмицата на Демир и се договорила откупната клаузула автоматски да се активира кога младиот фудбалер ќе го игра десеттиот натпревар за првиот тим. Во тој момент, Шпанците треба да му платат на клубот од Виена отштета од 10.000.000 евра и да потпишат повеќегодишен договор со Јусуф Демир.

На неколку дена пред Нова година ситуацијата е следна: Демир има девет настапи, па Лапорта го контактирал Рапид за да побара споменатата клаузула да биде тргната од договорот. Причината? Каталонците немаат 10.000.000 на располагање, а имаат намера да го користат Демира до крајот на сезоната. Одговорот на Австријците засега не е познат. Доколку Рапид не се согласи на анекс на договорот, Барса ќе остане без Јусуф Демир.

ПретходноНови главоболки за Анчелоти: И седми фудбалер позитивен на Ковид-19
СледноСтоле во идеалниот тим во досегашниот дел од сезоната во Ла Лига!