Екипата на Наполи го расипа доброто расположение по триумфот над Милан и тоа на „Сан Сиро“ пред неколку денови. Вечерва на свој терен доживеа пораз од Специја (0:1) и место да ја надополни радоста сега се врати чекор назад. Загуби бодови кои не смееше да ги загуби, а токму овој пораз на крајот може скапо да ги чини.
Гостите ниту еднаш не шутнаа на гол, а победија. Погодокот вреден три бода всушност беше автогол на Жуан Жесус во 37. минута. Наполи имаше доволно време да ги исправи работите но не успеа против успешната дефанзива на противникот.
Македонскиот интернационалец Елиф Елмас влезе во игра во 78. минута, но немаше доволно време да го спаси својот тим.
Ова е четврти пораз на Наполи сезонава, а Специја со оваа победа избега од опасната зона.
Милан славеше со 4:2 на гости кај Емполи. За „Росонерите“ два гола постигна Франк Кеси, по еден Флоренци и Ернандез.
Претходно Интер го победи Торино со 1:0 со гол на Дамфрис, а Верона и Фиорентина одиграа 1:1.