Најеминентниот македонски одбојкарски стручњак, Јошко Миленкоски, по неполни две недели на клупата на грчкиот суперлигаш Финикас успеа да го освои првиот трофеј. Во мечот од грчкиот СуперКуп против шампионот Олимпијакос, неговиот нов тим славеше со убедливи 3:0 (25:23, 27:25, 29:27) и за првпат во клупската историја им го донесе овој вреден трофеј.
Трофејот е уште повреден, ако се знае дека Финикас е само вториот тим во една деценија долгата историја на суперКупот во Грција кој го освојува овој трофеј, а не е актуелен шампион. Миленкоски по доаѓањето ја препороди екипата и успеа во кус временски период да го донесе и првиот трофеј во витрините на клубот кого го нарекуваат „Гордоста на Сирос“.
По натпрварот Миленкоски за грчките медиуми изјави: „Ова беше голем натпревар. Честитки за играчите. Игравме многу добро. Олимпијакос е одличен тим. Ние сме многу среќни. Блокот денеска беше одличен. Игравме со срце и навистина го посакувавме овој трофеј. По последните резултати некои луѓе ја загубија довербата во тимот и играчите. Овој трофеј е посветен на нашите навивачи, луѓето од тимот и цел Сирос“.