Традиционално на крајот на година почнува ракометната еуфорија. Македонија секој јануари ни дава посебна топлина во ладните зимски денови, овој пат момците предводени од Кирил Лазаров се подготвуваат за настап на ЕП 2022 година.
Во Дебрецин, градот домаќин на нашата група, ракометарите ги чека пеколно тешка задача, во конкуренција на Словенија, Црна Гора и Данска, треба да освојат едно од првите две места за да се најдат во главната рунда.
Со оглед на тоа дека е време на пандемија коронавирус, здравјето е на прво место, токму тоа е првата желба на Мартин Томовски. Вардаровиот голман верува дека максимално ќе се подготват за дуелите кои следуваат.
„Дефинитивно, сакаме да извлечеме поука од она лошо СП во Египет и да покажеме дека вредиме. По тој настан направивме добра анализа и со нова енергија и нов тренер доаѓаме на ова ЕП, за кое верувам дека ќе биде позитивно. Сите сме здравствено добри, сакам така да остане и до стартот на шампионатот.
Ќе бидеме посветени, ќе работиме максимално. Ова ќе биде таков тип на подготовки на кои ќе бидеме изолирани и знам дека максимално ќе се посветиме да бидеме подготвени за Европското првенство.
Секако дека имаме тешки ривали, но тука нема лесни тимови. Има две места за следната фаза, кога говориме за противниците, добро ни се познати. Данска би ја издвоил како најквалитетна, Словенија исто така е сериозен кандидат за понатаму, тука е и Црна Гора која е фактор-изненадување. Верувам дека со добра подготовка, ќе дојдеме до најдоброто“, изјави Томовски.
Ракометарите првата фаза од подготовките ќе ја одработат во Маврово, каде ќе одиграат два пријателски натпревари со Кувајт.