Денеска ќе биде комплетирано 11. коло во Првата лига. Поради настап во АБА 2-лигата, средбите на Пелистер и МЗТ Скопје беа одложени за неколку дена.
Откако битолчани не успеаја да дојдат до ниту еден триумф во второлигашката јадранска конкренција, се враќаат во шампионатот каде засега се чувствуваат најдобро и немаат ниту еден пораз. Својата серија од 10 победи во низа избраниците на Марјан Илиевски ќе ја бараат во Скопје против ТФТ, меч кој е закажан со почеток во 18 часот.
Тимот од Тафталиџе оваа сезона има проблем, зад себе има серијата четири порази во низа, па паузата беше добредојдена за кошаркарите, кои се опоравија и од здравствени проблеми.
На втората средба, МЗТ Скопје е домаќин на ФМП Академија. Актуелниот првак одигра без грешка во АБА 2 „балонот“ во Сараево, но зад себе го има поразот од дебитантот Феникс, па вечерва (19 часот) ќе има само една цел, да се врати на победите во Првата лига и да го задржи второто место на табелата.