Веќе втор ден Столе Димитриевски, најдобриот голман во Ла Лига во есенската полусезона, не се симнува од медиумите во Европа. Сите го посочуваат како ново заислување на Барселона, се разбира со Реал Мадрид, најславниот клуб во светот, иако реално во последно време на каталонците не им цветаат рози.
Македонецот, роден во Куманово, денеска полни 28 години, се разбира „Спортмедиа“ му го честита роденденот и му посакува успешни преговори со клубот од “Камп Ноу“. Значи Столе води роденденски преговори со Барса, се надеваме на крајот ќе завршат со потпис.
Инаку секако дека за овој трансфер, свое видување треба да даде и Рајо Ваљекано, клубот каде што сега е член нашиот најдобар голман. Имено Столе има договор со Рајо до 2024 година, но и откупна клаузула од 6 милиони евра. Рајо не сака ни да чуе да го пушти Столе за помалку од таа сума.
Некој ќе рече дека и ако потпише, Столе ќе му биде резерва на Марк – Андре тер Штеген. Сепак не ќе да е баш така. Јасно е дека Германецот ќе биде во предност, но исто така јасно е дека Столе ќе биде тука, секогаш подготвен да застане на голот на еден од двата најславни клубови во светот.
И на крај, фактот дека Столе празниците, па и роденденот ги прославува во Барселона секако дека не е случајно. Од толку места во Шпанија, Европа па и светот, тој ја одбра Барселона за мини – одмор.
Не ќе да е случајно…